Манифестацијата „Струмица-град на културата 2021“ вечер продолжува со концертот „Етно ноктурна-моќна музика“, на кој ќе бидат изведени кратки романтични композиции.
На концертот, кој ќе се одржи во Амфитетарот во Градскиот парк во Струмица, ќе настапат Александра Коцевска-вокал, Билјана Петровска-пијано и Петар Колевски-кларинет. Тие ќе исполнат композиции од македонски фолклорни песни во аранжман на Сашо Ливрински-Лаврод.
Настаните од „Струмица-град на културата 2021“ продолжуваат утре претпладне со промоција на млади роднокрајни литерати, а задутре на програмата е Музичкиот фестивал на лица со телесен инвалидитет, кој треба да се одржи на платото пред НУЦК „Антон Панов“.
Програмските содржини за оваа недела завршуваат в сабота со уличен фестивал на рап бендот „Дивизија“, со кој ќе се одбележи петнаесетгодишнината од постоењето на оваа група.