Кинотека од 1 јули и потоа секој следен четврток во месецот, на летната сцена, во летното кино „Мирно лето“, ќе прикаже по еден концерт од богатата BLU RAY програма на „Croatia Records“.
Програма ќе почне со концертот на Влатко Стефановски – Live at Lisinski, од 17 април 2018 година, кога во Загреб беше промовиран неговиот албум „Мајчин јазик“. Гости на Влатко беа Љубојна, Хојсак & Новосел и Јосипа Лисац.
Јосипа Лисац ќе биде главна ѕвезда на програмата „Концерти во Кинотека со Croatia Records“ на 8 јули, кога ќе биде емитуван нејзиниот концерт from Croatia Records Studio – „…ту у мојој души станујеш…“, посветен на нејзиниот легендарен сопруг Карло Метикош. Концертот беше реализиран во студиото на „Croatia Records“ во Загреб на 30 октомври 2018 г.
На 15 јули во Кинотека ќе биде емитуван концертот на Раде Шербеџија и неговиот Западни колодвор бенд, одржан во Хрватско народно казалиште во Загреб, а една недела подоцна, 22 јули е концертот на Амира Медуњанин во пулска Арена, снимен на 3 август 2018.
За крај на програмата, на 29 јули ќе биде прикажан концертот на J.R. August – Live in Hrvatski Glazbeni Zavod. Станува збор за концерт на музичката сензација на годината во Хрватска, човекот кој освои три музички награди Порин, вклучувајќи ја и онаа за албум на годината, со што стана прв лауреат во Хрватска кој освои награда за најдобар албум, иако албумот не беше на хрватски, туку на англиски јазик. На концертот во Hrvatski Glazbeni Zavod, J.R. August го промовира токму наградуваниот албум „Dangerous Waters“.
-Сите концерти се снимени со врвна аудио и видео опрема, па гледање на истите претставува вистинско доживување за сите сетила, што овој пат ќе биде привилегија за македонската публика, наведува Кинотека.