Американскиот велосипедист Ленс Армстронг изјави дека нема победа на велосипедска трака, каква што е „Тур д Франс“ без користење на недозволени супстанци.
Според Армстронг, кој седум пати по ред во периодот меѓу 1999 и 2005 година победуваше на оваа трка, победа без допинг не е можна доколку еден велосипедист навистина сака да биде крајниот победник.
– На „Тур д Франс“ тоа е невозможно, затоа што станува збор за исцрпувачко натпреварување, на кое кислородот е решавачкиот фактор, тврди Армстронг.
Овој Тексашанец објаснува дека забранетиот препарат ЕПО (еритропоетин) нема да му помогне на еден спринтер на 100 метри да победи во оваа дисциплина, но многу ќе му значи на долгопругаш на 10 илјади метри за да помине прв низ целта.
Армстронг минатата година беше ригорозно казнет од антидопинг комисијата на САД, која му ги одзеде сите седум титули на „Тур д Франс“ и му забрани до крајот на животот професионално да се занимава со спорт.
Тој долго време ги отфрлаше сомневањата дека се допингува, кои се појавија уште при крајот на неговата натпреварувачка кариера, но во едно телевизиско интервју тој призна дека користел коктел од забранети супстанци, вклучувајќи го и препаратот за поттикнување на крвотокот (ЕПО), потоа тестостерон, како и трансфузија на крвта, за да победи на ова натпреварување.
Изјавата на Ленс Армстронг доаѓа непосредно пред стартот на годинешнава трка, која ќе биде 100-та по ред.
„Тур д Франс“ веќе еден век важи за најтешкото натпреварување во овој спорт.
Поранешниот француски шампион Бернар Ино, кој петпати победуваше на трката, за една француска телевизиска станица остро ги отфрли тврдењата на Американецот.
Според Ино, не постои „култура на допингување“ како што заговара Армстронг и тој верува дека и без забранети супстанци може да се победи.