Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ вечер ќе биде промовирана книгата „Будност.Лотос“ од Весна Ацевска, за која авторката ја доби наградата за поезија „Ацо Шопов“ за 2012 од Друштвото на писателите на Македонија.
Стихозбирката е издание на „Дијалог” од Скопје и е седма поетска книга на Ацевска. Книгата е составена од пет циклуси кои следат внатрешна структурна линија и се групираат во тематски јадра што се во основата на еден заокружен и естетски сугестивно остварен поетски свет.
Збирката поезија во библиотеката „Браќа Миладиновци“ ќе ја претстават Марта Маркоска и Иван Антоновски, а стихови ќе интерпретира Томе Витанов.
За своето творештво Весна Ацевска е добитник на низа признанија, меѓу кои и на наградата „Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата и наградата „Григор Прличев” за препев.
Нејзината поезија во посебни изданија е објавена на англиски, полски, српски, бугарски, турски и на романски јазик. Песни од Весна Ацевска се застапени во антологии на македонската поезија објавени на 12 јазици.