Иднината на Косово е во Европската унија, изјави денес претседателката на Косово Атифете Јахјага, на Самитот на државите од Централна Европа, кој што се одржува во Братислава.
Јагјага рече дека Косово е посветено на тоа и дека се залага за вклучување на целиот регион во Унијата.
-Процесите во кои што се наоѓаме се неповторливи, а нашата иднина е во ЕУ, рече таа додавајќи дека Косово ќе продолжи да биде фактор на мирот и стабилноста и промотер на добрососедските односи.
-Докажавме креативност и конструктивно држење во правец на надминување на непријателството и изградба на доверба и промени на имиџот на целиот регион – рече Јахјага.
Таа оцени дека развојот на сите држави на Западен Балкан зависи од нивната меѓусебна соработка, која што е неопходна за општ напредок на овој дел на Европа.
Според нејзините зборови, државите кои што се стремат кон ЕУ треба да развиваат билатерална, регионална, економска соработка и да интензивираат заеднички проекти на капитални инвестиции и секако да ги користат развојните фондови на ЕУ.
Елена Георгиевска