Избрани песни од македонските поети Никола Маџиров и Јовица Тасевски-Етернијан се објавени во антологијата на европската литература „Вавилонска матрица“.
Таа е повеќејазичен проект што го реализира издавачката куќа „Типотекс“ од Будимпешта, во соработка со Европскиот совет на асоцијации на книжевните преведувачи, неколку европски универзитети, институти и други партнерски организации.
Антологијата содржи дела од најзначајни европски писатели, преведени на 27 јазици. Во неа паралелно се објавени оригиналните текстови од нашите автори на македонски јазик и препевите на нивната поезија на повеќе јазици. Маџиров е застапен со песни од книгите „Преместен камен“ и „Заклучени во градот“, а од Етернијан песни од поетскиот избор „Синтакса на светлината“ и од новата поетска книга „Исход“.
Објавувањето на антологијата „Вавилонска матрица“ е поддржано од Европската унија, меѓународниот Вишеградски фонд со седиште во Братислава и од националната фондација за книги и превод на Унгарија.
Проектот ја има добиено наградата „Европски жиг за извонредни достигнувања“.