Норвешкиот масовен убиец, Андерс Беринг Брејвик, осуден за терористичкиот атентат и масакрот во Осло и на островот Утоја, се откажал од наследството од мајка му која починила пролетва, јави дописникот на МИА.
Одлуката Брејвик ја донел многу порано пред смртта на мајка му. Адвокатот на Брејвик, Торд Јордет, вели дека неговиот клиент сакал мајка му да го тестаментира својот имот онака како што самата сакала да постапи.
Но, според Јордет, мотивот исто така би можел да биде и тоа што Берејвик, кој освен на затворска казна е осуден да плати и рекордно високо обесштетување, не сака со евентуално добиено наследство да биде принуден да плати дел од обесштетувањето.
Поголем дел од имотот на мајката се очекува да биде доделен на ќерката во Лос Анџелес, САД, како и за добротворни цели.
Мајката на Брејвик почина на 22 март, на 66-годишна возраст, по подолго боледување.