Издавачот „Везилка 2011“ на македонски јазик ја објави стихозбирката „Капитулација“ на современиот српски поет Душко Новаковиќ, кој е роден во Македонија. Книгата содржи 50 песни, а автор на препевот е Ристо Лазаров.
Во поговорот за книгата Лазаров ја нарекува будна поезија.
– Таа е сета вдадена во животот, а и самиот поет излегува од животот – храбро, витешки да се судри со него и со сета негова исчашеност, да му излезе на мегдан на злото. Ништо не премолчува, никого не поштедува, остава уверливо сведоштво, неизбришливи траги во времето. Се гледа и чувствува – како најчувствителен сензор и сеизмограф, како човек со илјада очи: и љубовта и нежноста, и доброто и злото, особено злото и социјалните урнисувања. За Новаковиќ со право се вели дека ги има во едно и Енцесбергер и Херберт, пишува Лазаров во кусиот поговор за збирката песни на Душан Новаковиќ.