Криминалната група на Вељко Беливук, според она што е објавено од истрагата, имала капацитет да изврши најтешки кривични дела, а по образецот поставен од Земунскиот клан пред 20-на години, ги регрутирала членовите од редовите на навивачите, кои минувале воена обука и биле подготвени да ги заштитуваат водачите на групата во секакви околности.
Ова го заклучуваат српските безбедносни експерти, според кои групата очигледно била подготвена и на загрозување на безбедноста и за атентати врз високи државни функционери, доколку тоа станело неопходно.
„Групата делувала како на локално, така и на регионално и на централно ниво. Во текот на истрагата дојдовме до назнаки кои укажуваат на тоа дека оваа организирана криминална група била поврзана со луѓе од државниот апарат. Секако, важно е да се нагласи дека при претресите на повеќе локации откривме поголемо количество оружје, панцири, блокатори на телефонски сигнал, блиндирани автомобили, дрога, пари, кодирани мобилни телефони, а се спроведува и финансиска истрага во чии рамки ќе биде запленет и имот кој потекнува од криминалните дејствија,“ изјави заменик-началникот на српската Управа на криминалистичката полиција, Нинослав Цмолиќ.
Цмолиќ истакна дека во истрагата нема да има заштитени луѓе, а дека посебно ќе се внимава на неутрализирање на соработниците на криминалците внатре во полицијата.
„Кога станува збор за уапсените полициски службеници, против нив Секторот за внатрешна контрола поднесе кривични пријави и тие се предадени во надлежност на Обвинителството. Одлучни сме да ги исчистиме сопствените редови од криминалот, затоа што на корумпирани полицајци не им е местото во полицијата,“ рече Цмолиќ.
Адвокатката Маја Ковачевиќ Томиќ, која беше судијка во Специјалниот суд во Белград, каде им беше судено на припадниците на Земунскиот клан, вели дека се очигледни сличностите меѓу двете групи, како и дека тие главно се занимавале со исти видови криминал.
„Имаат голем број членови и хиерархија. Имаат соработници во МВР. Во криминалните акции користат полициски значки. Сурово се пресметуваат со противниците. Имаат насилничко, арогантно однесување во јавноста. Поседуваат тајни викендички, имаат и снајпери,“ вели Ковачевиќ Томиќ.
Таа вели и дека Земунскиот клан имал соработници со дел од Единицата за специјални операции на ресорот Државна безбедност во МВР, како и партнерство со некогашниот командант на единицата, Милорад Улемек Легија.
„Членовите на оваа единица беа добро обучени војници. Со тие партнерства, поддршка и соработка, се стекнаа со голема сила и моќ, која им овозможи да сеат страв низ Србија, да продаваат стотици килограми дрога, да извршат многу убиства и грабнувања, а на крајот и да извршат атентат врз премиерот на државата Зоран Ѓинѓиќ – тоа беше најсилниот криминален клан на овие простори,“ вели поранешната судијка, според која има многу простор да се споредуваат Земунскиот клан и групата на Беливук.
„Тие пред себе имаат навивачка армија, па можеле да регрутираат повеќе луѓе и веројатно да бидат и побројни. Вељко Беливук стана познат во јавност по нападот на членовите а обезбедувањето на директорот на ФК Партизан. Медиумите го поврзуваа и со поранешниот Државен секретар во српското МВР, како и со Кавачкиот клан,“ вели Ковачевиќ Томиќ.
Вељко Беливук, познат како „Веља Неволја“, водач на подгрупа на навивачите на Партизан „Гробари“, беше уапсен на 4 февруари, заедно со најблискиот соработник Марко Миљковиќ и уште 15 лица. Тие се осомничени дека под закрила на криминалната група извршиле серија кривични дела, меѓу кои убиства, киднапирања, изнуди и продажба на дрога.