Дваесетина коски кои наликувале на човечки, биле пронајдени вчера и денеска на депонијата во Винча. Се претпоставува дека тоа се коски од жртвите на криминалната група на српскиот криминалец Вељко Беливук.
Како што пишуваат српските медиуми, полицијата детално го пребарува теренот околу викендичката во која Беливук и неговата екипа ги мачеле, а потоа и свирепо ги убивале жртвите и ги распарчувале нивните тела, обидувајќи се да ги уништат со топење во киселина.
Кучињата трагачи ја одвеле полицијата до депонијата каде што се пронајдени коските.
Коските се испратени на анализа, за со сигурност да биде утвредено дали се човечки, а потоа да се утврдува дали им припаѓаат на жртвите на Беливук.
Беливук и 20 членови на неговата криминална група беа уапсени на крајот од минатата седмица. Нему и на неговиот најблизок соработник Марко Миљковиќ им се припишуваат три убиства.