Претседателот на Хаити, Жованел Моиз вчера потпиша указ според кој треба да се пензионираат тројца судии на Врховниот суд, меѓу кои и судијата Ивикел Дабрезил, кого опозицијата го избра за преоден претседател на Хаити.
Со указот на Моиз во пензија треба да замина и најстариот судија на Врховниот суд, 72-годишниот Јозеф Мецене Жан-Луис, кој во неделата заедно со 23 луѓе беше уапсен под обвинение дека подготвувале државен удар.
Во вчерашните антивладини протести во главниот град на Хаити, Порт О Пренс беа застрелани двајца новинари.
Опозицијата тврди дека Моиз е избран на нелегален начин во првиот круг од изборите во октомври 2015 година. Една година подоцна беа повторени изборите и Моиз се прогласи за победник и положи заклетва на 7 февруари 2017 година. Но, неговиот мандат почна во февруари 2016 година и истече во неделата.
Претседателот на Хаити има мандат од пет години, кој почнува на 7 февруари, а претседателските избори се одржуваат во октомври.
На Хаити веќе две години траат протестите со барање за оставка на Моиз, кого го обвинуваат за корупција. Опозицијата тврди дека Моиз остана на власт благодарение на поддршката од САД.
Минатата недела американскиот Стејт департмент соопшти дека се согласува мандатот на Моиз да заврши на 7 февруари 2022 година, но дека мора да се одржат слободни и фер избори за да се утврди кој ќе го наследи.
Хаити е најсиромашната земја на западната хемисфера. Во голема мера зависи од странска помош и има високо ниво на корупција и криминал.