Младинскиот културен центар (МКЦ) распиша конкурс за дизајн на постер за единаесетото издание на фестивалот „ЗДРАВО МЛАДИ 2021!“.
Сите заинтересирани своите идеи можат да ги испратат на [email protected] со наслов „и јас сум ЗДРАВО МЛАДИ 2021“ најдоцна до 14 февруари 2021 година. МКЦ ќе ги награди најдобрите три дизајни со парична награда. Паричната награда за прво место изнесува 12.000 денари, за второ место 5.000 денари и за трето место 3.000 денари.
– Во изминатите десет години, на визуелниот облик на фестивалот имавме чест и задоволство да работиме со исклучително талентирани дизајнери на кои сме им неизмерно благодарни. Дизајнот за ЗДРАВО МЛАДИ 1, 2, 3 и 4 беше дело на нашиот вечен арт-директор Иван Петрушевски – Флим. 5-тото и 6-тото издание го дизајнираше нашиот драг пријател од Загреб, Дарко Кујунџиќ, додека седмиот „ЗДРАВО МЛАДИ“ го уреди Кристина Горовска. Лик на 8-то издание на фестивалот му даде Ѓорѓи Јаневски, а 9-тото и 10-тото издание го потпишаа другарите од fabricca, велат од МКЦ.
Сите примени дизајни ќе бидат дел од групна изложба, која ќе се реализира во рамки на единаесетото издание на „ЗДРАВО МЛАДИ“ закажано за 26 и 27 август 2021 во/околу МКЦ.