На Софискиот универзитет вечер ќе биде одржан книжевен портрет на писателот Венко Андоновски, кој го организира Културно-информативниот центар на Македонија во Софија.
За неговиот творечки опус ќе зборуваат деканот на Факултетот за словенски филологии Панајот Караѓозов, бугарскиот режисер Владлен Александров, кој драмата на Андоновски „Бунтот во домот за старци“ ја има поставено на сцена во Софија, и директорот на КИЦ во Софија, Васко Шутаров.
Обраќање ќе има и авторот Андоновски кој, меѓу другото, ќе се осврне на местото на македонската литература во словенските и светските литературни текови.
На книжевниот портрет ќе учествуваат познатите бугарски актери Албена Колева и Стојан Алексиев, во музичка придружба на Сара Костадиновска, македонска студентка по харфа во Софија.
Книжевното претставување на Венко Андоновски во Софија се реализира со поддршка на Министерството за култура на Македонија.