Во Брисел утрово продолжи разговорот помеѓу Белград и Приштина за имплементација на априлскиот договор и прашања поврзани за електрична енергија, телекомуникации, судство и полиција.
Белградскиот тим за имплементација на бриселскиот договор на чело со Александар Вулин влезе во Европската служба за надворешни работи, нешто пред 10 часот, додека Дејан Павиќевиќ кој ја предводи експертската група за енергија и телекомуникации стигна половина час подоцна.
Покрај нив двајца, во разговорите учествува и советникот на претседателот на Србија, Марко Џуриќ и други министри.
Никој од белградскиот тим вчера не сакаше да зборува за текот на дијалогот, додека шефицата на приштинската делегација Едита Тахири нагласи дека вчера постигнале извесен напредок во врска со некои прашања.
-Вчера имавме многу напорен ден и разговаравме за имплементација на бриселскиот договор и електричната енергија и телекомуникации. Не можам да прецизирам дали ќе постигнеме конкретен договор, но се надевам дека до крајот на денот ќе ги надминеме разликите-истакна таа.
Како што вчера дозна Танјуг приштинската делегација отстапи од планот за имплементација на бриселскиот договор во сите пет работни групи.
Елена Георгиевска