Во книгата „Влезот е од другата страна“ секој може да најде безброј врати и влезови, рече синоќа професорот Владимир Мартиновски, зборувајќи за првенчето на младата поетеса Николина Андова.
Во полната сала во Галеријата МКЦ стихови читаа Ана Голејшка и Донка Батакоја.
„Кога зборовите се питомо сонливо бебе“, како што пишува Нина Андова, тогаш сите наоколу можат да потонат во архетипската тишина на поетското присуство. Немирот на спокојството во поезијата на Нина Андова, правта врз стварноста и чистината на сеќавањата се како три врати од еден ѕид, три квадрати од еден прозорец на минливоста. Боговите се преголеми за да влезат низ нив. Во поезијата на Нина Андова, влезот секогаш ќе биде од другата страна, а клучот во раката што пишува“, вели за книгата Никола Маџиров.
Книгата е во издание на Темплум.
Андова родена 1978 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Пишува поезија и хаику. „Влезот е од другата страна” е нејзина прва книга.