Хашкиот суд денеска донесе пресуди за шестемина раководители на самопрогласената хрватска држава Херцег-Босна, јави Танјуг.
Некогашниот премиер на Херцег-Босна Јадранко Прлиќ со едногласна одлука е осуден на 25 години затвор, а поранешниот министер за одбрана Бруно Остојиќ на 20 години.
Командантите на Главниот штаб на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) генералите Слободан Праљак и Миливој Петковиќ се осудени на по 20 години затвор.
Командантот на воената полиција, ХВО Валентин Чориќ е осуден на 16 години затвор, додека началникот на канцеларијата за размена на заробеници Берислав Пушиќ е осуден на десет години затвор.
На сите во казната ќе им се пресмета и времето кое го поминале во притвор. Во текот на судењето се изнесени 10.000 докази и 145 сведоци на обвинителството и 60 сведоци на одбраната.
Шестемина Хрвати во 26-те точки обвинети се за злосторства против човештвото, кршење на законите и обичаите на војување и повреди на женевските конвенции со извршување прогонство, убиства, затворање во логори, депортации на босански муслимани и друго нехрватско население од крајот на 1991 до 1994 година.
Обвинението опфаќаше злосторства извршени на подрачјето во општина Прозор, Горњи Вакуф, Јабланица, Мостар, Љубушки, Столац, Чапљина и Вареш.