Македонската одбојкарска репрезентација на домашен терен од петок до недела ќе ги игра квалификациите за Светското првенство во Полска 2014 година.
Натпреварите од турнирот ќе се играат во СРЦ „Кале“, каде овојпат за потребите на одбојката ќе биде поставен и соодветен тарафлекс (подлога).
– Ние не сме фаворити, иако сме домаќини. Но, ако одиграме на високо ниво може да се надеваме на првото место што за мене е секогаш главна цел. Не очекува силен турнир. Имаме многу позитивни елементи во играта. Оваа екипа има потенцијал, но во модерната одбојка може да победи само екипата, а не може поединецот, изјави селекторот Николај Жељасков на денешната прес-конференција.
Капитенот Никола Ѓоргиев рече дека првиот натпревар е најважен и оти на него мора да дојдат до победа.
– За три дена ќе одиграме три натпревари, а првиот секогаш е најважен. Мора да постигнеме победа на тој дуел и после ќе мислиме на другите натпревари. Имавме жестоко темпо на подготовки, тренинзи и контролни натпревари. Расте нивото на игра и тоа ми се допаѓа што се повеќе личиме на тим, рече Ѓоргиев.
Македонија своите натпревари ќе ги игра во терминот од 18 часот, а противници ќе бидат Албанија (петок), Црна Гора (сабота) и Украина (недела). Другите натпревари почнуваат во терминот од 15:30 часот.
На репрезентацијата денеска последен ќе и се приклучи Вук Карановиќ, а во стручниот штаб се надеваат дека Јовица Симовски и Александар Љафтов ќе ги санираат повредите.