Германската влада очекува дека Србија ќе го примени бриселскиот договор, изјави за „Блиц“ пратеникот на германската опозициска Социјалдемократска партија Дитмар Нитан.
Тој рече дека Германија е заинтересирана за подобрување на односите помеѓу Србија и Косово, но укажа и на неединството околу косовскиот проблем во германската владеачка коалиција.
-По посетата на министерот Гидо Вестервеле и извештајот на државниот министер Михаел Линк во Одборот за ЕУ, имам впечаток дека двете партии кои ја сочинуваат германската влада немаат заеднички став – истакна Нитан.
Тој наведе дека не е од полза што Андреас Шокенхоф потпретседателот на пратеничкиот клуб CDU/CSU во парламентот за надворешна одбрамбена и европска политика, допатува во Белград и поднесе списокот на барања кои се очекува Србија да ги исполни.
-Шокенхоф не е тој што треба да поставува услови. Тие услови треба да ги постави Европската комисија – рече Нитан.
Што се однесува до Бриселскиот договор тој смета дека тешко ќе може да се реализира неговата примена до јуни.
-Важно е под итно да се постигне договор за најавениот план за имплементација, со што и двете страни дополнително ќе ја покажат својата добра волја- наведе парламентарецот Нитан и додаде дека за одредување на датум за Србија сојузната влада најпрвин треба да побара согласност од Бундестагот, со почеток на пристапните преговори.
-Такво барање до сега не е упатено до Бундестагот. Сметам дека пристапните преговори со ЕУ ќе го поттикнат процесот за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово, рече Нитан.
Елена Георгиевска