На 3 неомври, вторник, со почеток од 20 часот во Галеријата на МКЦ ќе се отвори изложбата на Иван Ивановски насловена „Релапс“.
Изложбата „Релапс“ е сложена целина составена од неколку серии слики во различни формати кои на интересен начин се испреплетуваат на галериските ѕидови, но особено преку специфичното фрагментирање во каталогот.
„Ивановски поставува едно клучно прашање за позицијата на човекот во урбаната средина, како маргинален елемент, за дезориентацијата, за обидите да се разбере времето во постисториската сегашност. И секако за аналогната слика во дигиталниот свет, која се спротивставува на својата одамна најавена смрт и е во активна релација со други слики, асоцијативно градејќи јазик кој ја прави видлива нашата дехуманизација, но истовремено и се спротивставува преку психоделична разиграност на елементите“, нагласува Владимир Јанчевски, кој е куратор на оваа изложба.
Иван Ивановски (1983, Скопје) работи скулптури, цртежи, инсталации, слики , видео, филм и анимација.
Дипломирал на отсек вајарство на ФЛУ Скопје, а студирал и на Академски програм за режија на ФАМУ, Чешка. Има реализирано 17 индивидуални (Скопје, Куманово, Гевгелија, Њујорк, Љубљана, Берлин…) и повеке групни изложби меѓу кои и – Биенале на млади уметници од светот (WEYA) , NewArt Exchange (Нотингем, Англија, 2012), Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот (Рим, Италија, 2011), Фестивал за визуелни уметности и независен филм 4 синхронизирани градови (Приштина, Амстердам, Сараево, Скопје, 2010), PROJECT(OR) ART FAIR – платформа за современи уметнички простори(Ротердам, 2007), IndependentDrawingGig (IDG) Vol. 2, Музеј на современа уметност, (Скопје, 2006) и многу други во земјава и странство. Автор е на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк.
Неговите анимирани филмови се претставени на различни регионални и интернационални филмски фестивали. Во моментот работи на неговиот 5. краток анимиран филм – „Јадица“. Во 2014 година е добитник на наградата за млад ликовен уметник „Денес“ која ја доделува Центарот за современи уметности од Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско опшество од Њујорк.