Македонскиот писател Гоце Смилевски денеска во рамки на Меѓународниот саем на книгата, кој до 19 мај се одржува во Прага, ќе го претстави својот роман „Сестрата на Зигмунд Фројд“, јави дописникот на МИА од чешката метропола.
Преводот од македонски на чешки јазик го направи истакнатиот славист и македонист, академик Иван Доровски, кој е автор и на поговорот во чешкото издание на „Сестрата на Зигмунд Фројд”.
– Романот на Гоце Смилевски е дело кое јасно го потврдува сфаќањето, дека и литературите на малите народи можат силно да придонесат во збогатувањето на ризницата на светското културно наследство“, вели Доровски во предговорот.
Романот на Смилевски е издаден во рамки на едицијата „Светска библиотека” на „Одеон“, во која се застапени дела од врвни современи светски автори, меѓу кои и Мишел Уелбек, Харуки Мураками и Иан Макјуан.
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд” Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија.
– Зошто ја остави Зигмунд Фројд својата сестра на нејзината судбина- на смртта? На тоа ќе се обиде да одговори македонскиот писател кој студирал во Прага и чиј роман е преведен на 25 јазици и за него ја доби Наградата за литература на ЕУ во Брисел, се вели во поканата за Саемот кој се одржува под името ,,Светот на книгата”, на која е најавена и автограмијата на македонскиот писател.
Гоце Смилевски, кој е роден во Скопје, 1975 година, е добитник на наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за романот ,,Разговор со Спиноза во 2002 година. Во 2011 година, на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, ја добил наградата за драмски текст, за претставата „Спиноза“, во продукција на Мал Драмски Театар – Битола и Драмски Театар – Скопје.
Правата за објавување на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ се откупени од издавачи од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Шпанија, Италија, Португалија, Бразил, Холандија, Србија, Хрватска, Бугарија, Израел, Унгарија, Норвешка, Данска, Турција, Словенија и Чешка.