Есма и Влатко Лозановски настапија, трети по ред во втората полуфинална вечер на изборот за песна на Евровизија, кое се одржува во Малме, Шведска.
Во 58-годишната историја на Евровизија вечерва за првпат се пееше на ромски јазик. Токму делот кој Есма Реџепова го пееше од песната „Пред да се раздени“.
За пласман во финале на 18 мај, освен Есма и Лозано од Македонија, се натпреваруваат претставниците од Летонија, Сан Марино, Азербејџан, Финска, Малта, Бугарија, Исланд, Грција, Израел, Ерменија, Унгарија, Норвешка, Албанија, Грузија, Швајцарија и Романија.
Десетте финалисти ќе ги избере рамноправно публиката и жирито, а оваа година дојде до промени во начинот на гласањето, така што сега ќе се оценуваат сите натпреварувачки песни, наместо поранешните правила кога бодовите од 1 до 12 се доделуваа само за десет најдобри песни според мислењето на публиката и жирито.