Делови од југозападниот брег на Велика Британија денеска осамнаа под снег и беа зафатени од силен ветер кој корнеше стебла и електрични столбови, поради што беа блокирани повеќе патишта, а илјадници домаќинства останаа без електрична енергија.
Снегот падна во некои делови на покраината Девон, што, според Би-Би-Си, е „многу невообичаено“ за мај. Снежната покривка на некои места достигна и до пет сантиметри, а до локалните жители е упатено предупредување да се подготват за можни поплави.
Ветерот кој го погоди регионот дувал со брзина од над 100 километри на час. Во Девон и Корнвол, по обилните дождови во понеделникот, се уште е на сила предупредувањето за опастост од поплави во 14 места.
Метеоролозите за денеска прогнозираат постепено намалување на брзината на ветерот и на врнежите.