Предвремено пензионирање, намалување или целосно укинување на персоналецот за одделни сектори, понизок ДДВ за занаетчиските производи и угостителите, повисока минимална плата, раст на најниската пензија – новата Влада обелодени какви решенија и потези планира во економијата за следниот четиригодишен мандат. Дел од економистите што ги консултираше „Порталб“ велат дека се работи за амбициозни планови за кои власта ќе треба да обезбеди стабилен извор на финансирање а притоа навремено да ги враќа и сегашните долгови. Сметаат дека новата Влада треба да посегне по длабоки економски реформи а не козметички решенија кои долгорочно нема да ја променат сегашната слика.
Нови задолжувања за враќање на стари долгови, како ќе се поттикне економскиот раст…
Економски раст од 4% предвидува Владата, сценарио кое е оптимистичко во ситуација на смирување на здравствената Ковид 19 криза. Растот што го ветува новата власт е во пакет поголем број на ветувања до пензионерите, вработените, невработените, фирмите – даночни ослободувања, укинување на персоналниот данок или негово намалување, интервенции во ДДВ – носечкиот буџетски данок, повисока минимална плата, раст на пензиите и социјалните надоместоци. Сите овие ветувања значат зголемени буџетски трошоци а се испорачуваат во година во која се земаат заеми за алиментирање на тековните трошоци.
„Според мојата прогноза, нам ни требаат најмалку уште 2 милијарди евра плус, за да можеме навремено да ги враќаме ануитети од јавниот долг и да го покриваме дефицитот во буџетот. Овде не станува збор за поттикнување на економскиот развој, за инвестиции во зголемување или проширување на производниот капацитет на економијата, овие средства ни се потребни за да ја одржиме економијата во функционална состојба, Ваквата проекција е оптимистичка варијанта, а доколку состојбата со пандемијата се влошува тогаш веќе не станува збор за мерки и решенија на економската политика, туку за крах на домашната економија“, вели професорот Сами Бислими.
Според прогнозите на Владата, до крајот на годината економијата ќе ги покаже првите знаци на заздравување а следните години растот ќе биде со забрзано темпо.
Еве што се предвидува со новата Програма на Владата:
-Јавни инвестиции до 2,2 милијарди евра
-Странски инвестиции 1 милијарда евра
-Даночно ослободување за реинвестирана добивка
-Зголемување на праг за ДДВ обврзници до 3 милијарди денари
-Стапка на ДДВ 10% за ресторански услуги
-Укинување на пероснален данок за ИТ сектор до 2023 година
-Стапка на ДДВ 5’% за занаетчиски производи
-Раст на минималната пензија на 10 700 денари
-Предвремено пензионирање
Овие планови на Владата треба да бидат проследени со нов, интервентен пакет на мерки за поддршка на стопанството кое сеуште се соочува со последиците од корона кризата, вели Милаим Амети, економски истражувач и аналитичар.
„Според мене, Владата треба да продолжи и во следниот период да ги субвенционира платите, барем на ниво на минимална плата, да продолжи со безкаматни кредитните линии до крајот од годината со цел да се задржат деловните активности во живот, но кредитите да бидат во поголеми износи а не условени со бројот на вработени и висината на платите. Исто така, сметам дека Владата треба да создаде Фонд за гаранција за заем за мали и средни микро компании за да можат да добијат кредити од банки во овој период а за кои ќе гарантира државата – мерка што ја имаат многу развиени земји“, вели Амети.
Економистите сметаат дека новата Влада има шанса да спроведе вистински и длабоки економски реформи кои ќе бидат база на одржлив економски развој.
„Во ваква економско – финансиска состојба Владата нема што многу да направи, состојбата на криза е идеална за реформи во економијата, но за тоа се потребни инвестиции во техничко технолошкиот развој, во развојот на човечкиот капитал, во примената на нови знаења, оти современите напредни економии се базираат на екстензивен раст, на зголемување на т.н. факторска продуктивност, како основа за зголемување на конкурентност. Ние сме далеку од тоа. Досегашните власти (ниту една досега) не успеаја во реализацијата на предвидените капитални инвестиции, дури не успеаја да ги зголемат инвестициите кои би имале еднократен ефект, врз зголемувањето на домашната потрошувачка, како основа за поттикнување на економскиот раст“, вели професорот Бислими.
Владата предводена од СДСМ – ДУИ новата четиригодишна програма ја оценува како развојна и во интерес и на граѓаните и на фирмите, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека се работи за пакет на ветувања кои се неостварливи.
Анализа на Порталб