Концерт со уметнички од Албанија и премиера на претставата „Полковникот птица“ на Гостиварскиот театар денеска на „Охридско лето“

Од:

Фестивалската програма на „Охридско лето“ за денеска предвидува две содржини, со концерт на уметничките од Албанија Викена Каменица – мецо сопран во пијано придружба на Мерита Реџа –Тершана, како и премиерната изведба на претставата „Полковникот птица“ со Театарот од Гостивар, во режија на Андреј Цветановски.

За „Полковникот птица“ од Христо Бојчев режисерот Цветановски ќе рече дека е претстава за различни луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови работи треба да не пленат сите. Нивната посветеност треба да не учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата треба да се бара во нивното разбирање, и кога ќе ги разбереме да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот. Соочени со пандемијата, театарот почнува да бара начини на функционирање низ регулативите и правилата што ги носи овој нов свет. Се обидуваме низ сите тие правила да создадеме топла приказна и да го искористиме процесот и како експеримент и од прописите да направиме квалитет.

Инаку, „Полковникот птица“ е оценет како најуспешен драмски текст на Бојчев што ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа…

Улогите во претставата ги толкуваат Бехреда Решит, Дритон Љазами, Кујтиме Ахмети, Марко Дојоски, Ајше Усеини, Берат Махмути, Ариан Ејупи, Елизабета Клинчаревска Младеновска, Ѓорѓи Нешкоски, Марија Кондовска. Претсавата че се игра на големата сцена „Долни Сарај“ од 22 часот.

Два часа претходно солистички концерт во „Света Софија“ ќе одржат албанските уметнички Викена Каменица – мецо сопран и Мерита Реџа –Тершана на пијано.

Викена Каменица е една од најпознатите оперски пејачки на нејзината генерација во Албанија. Таа е ќерка на оперски пејачи, успешно ги завршила студиите на Музичката академија во Тирана, а во периодот од 2004-2006 продолжува да студирана ЦЕЕ Музичкиот театар во Виена каде работи со Илеана Котрубас и Бернд Вајкл.

Во 2008 година добива специјален грант да студира на летната академија „Моцартеум“ во Салцбург во класата на Алесандра Алтхоф. Во Албанија, Викена Каменица два пати ја добива наградата „Култ“ за најдобро Оперско остварување и тоа за Розина во „Севилскиот берберин“ и во 2017 година за улогата на Ромео во „Капулети и Монтеки“ на Белини. Од 2001 година е вработена во Националната опера во Тирана каде ги покрива сите улоги од мецосопранскиот фах како Фидалма во „Таен брак“, Сузуки во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, Флора во Вердиевата „Травијата“, Анита во „Приказна од западната страна“ од Бернштајн, Сибел во „Фауст“ од Гуно и Трета дама во Моцартовата „Волшебна флејта“. Гостува во Букурешт и Темишвар во Романија, а настапува и на Фестивалот во Седиер во Франција. Настапува во главната улога во операта „Кармен“ од Бизе, ја пее Мадалена во „Риголето“, Дорабела во „Така прават сите“, Џована Сејмур во „Ана Болена“, а настапува и покрај исклучителната Инва Мула во „Хофманови приказни“, а партнерка е како Шарлота во „Вертер“ на извонредниот албански тенор Сајмир Пиргу. Неодамна во Париз ја пее насловната улога на Далила во „Самсон и Далила“ од Сен-Санс, како и улогата на Ацучена во „Трубадур“.

Концертите се значаен дел од карирата на Викена Каменица, па така, таа настапува со дела од: Мануел де Фаља, Вивалди, Дворжак, Перголези, Бетовен, Брамс и Вагнер.

Особено се истакнува со циклусот „Зимско патување“ од Шуберт кој го изведува во придружба на Мерита Реџа -Тершана. Покрај со класичната музика, Викена настапува и како џез пејачка и во изведба на мјузикли во кои ги пее улогите на Есмералда во „Грбавецот од Нотр-Дам“, Мама Мортон во „Чикаго“, г-ѓа Монтеки во „Ромео и Јулија“ и др. Викена Каменица е омилена кај албанската публика, токму поради нејзината целокупна музичка личност како и поради исклучителното сценско присуство.

За Мерита Реџа –Тершана критиката вели дека е една од најактивните уметници на албанската територија и таа продолжува да гради кариера полна со нови достигнувања. Добитничка е на импресивна бројка на национални награди како Изведувач на годината на албанскиот фестивал за современа музика во 1996, Изведувач на годината и добитник на Култ наградата во 2010 и 2016. Родена во Тирана, Мерита Реџа – Тершана дипломира на Универзитетот за уметности во Тирана во класаста на проф. Маргарита Кристиди, а се усовршува на пост-дипломски студии и на мајсторски курсеви кај Паул Бадура-Скода и Тил Енгел. Тершана работи на Универзитетот во Тирана од 1994, најпрво како корепетитор, а подоцна од 2002 година како педагог.Како солист настапува со повеќе оркестри вклучително со оркестарот на Албанското радио и ТВ, оркестарот на Универзитетот во Тирана, оркестарот на Операта под диригентската палка на: Ј. Барбулуши, Л. Квадрини, Б. Лапај, А. Лепури, Н. Марин и Д. Савиќ. Како солист е често канета да настапи на познати фестивали во Албанија и Европа меѓу кои Фестивалот „Шлезгвиг- Холштајн“ (Германија), Фестивалот во Брегенц (Австрија), Фестивалот „Гросето“ во Италија како и на бројни фестивали во регионот. Мерита Реџа -Тершана често и за прв пат изведува нови дела од албански композитори, а во 2009 снима ЦД со музика од Шуман. Исто така, има снимено 2 ЦД- а со дела од албански композитори. Сега, Тершана како вонреден професор предава пијано на Универзитетот за уметности во Тирана.

На програмата на концертот од 20 часот се арии на Леонкавало, Шуберт, Бизе, Албениц, Сен Санс, Гранадос, Барбиери, Чапи, Дебиси, Вајл, Гершвин, Харапи, Мула, Јакова.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма