Во организација на Домот на култура „Иван Мазов – Климе“, од денеска до 29-ти август во Кавадарци ќе се одржува традиционалната Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци – Михајлово“.
Годинава оваа ликовна колонија ќе е со намален број на учесници, петнаесетина, поради пандемијата и протоколите предвидени за оддржување на настани. Дел од учесниците, како што посочуваат од Домот на култура, ќе учествуваат на лице место, а дел од учесниците ќе се претстават со свои дела онлајн.
Пред самото отворање на ликовната колонија, во Галеријата при Домот на културата во Кавадарци – 26 август, ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник Љупка Галазка Василев од Струмица, насловена како „Урбан лиризам“.
Како што посочуваат од Домот на култура во Кавадарци, свеченото отворање е од 21 часот во Хотел „Уни Палас 2“ Кавадарци каде и ќе престојуваат и творат уметниците учесници. Музички гости на вечерта се дуото „Пикси и Ване“ и рок групата „Епидеми“.
-Во текот на работата на колонијата ќе биде отворена и изложба на ликовниот уметник Александра Кокотовиќ од Белград, Србија. Оваа изложба ќе биде поставена во Музеј Галерија Кавадарци и ќе биде оворена во четврток, на 27 август, посочуваат од Домот на култура.
Затворањето на колонијата е в сабота на 29 август 2020, од 20 часот, со изложба на реализираните дела во Хотел „Уни Палас 2“ и со музички настап на рок групите „MAD&M8s” и „Bad – Ass – All”.
Ликовната колонија „Кавадарци – Михајлово“ е поддржана од Локалната самоуправа на општина Кавадарци и Министерството за култура на Република Северна Македонија.