Вакцините кои се развиваат против Ковид-19, нема да бидат лек за коронавирусот и ќе имаат дејство најмногу една година, предупреди шефицата на работната група на британската Влада за пронаоѓање вакцина, Кејт Бингам.
– Во овој момент е познато дека вакцините ќе бидат ефективни во период од една година. Загрижена сум дека луѓето се надеваат на универзален лек за болеста, но веројатно нема да има таков, истакна Бингам во интервју за „Фајненшал тајмс“.
Шефицата на работната група нагласи дека „ќе биде неопходна годишна вакцинација“.
– Во моментов се обидуваме да ги намалиме барем ризиците од оваа болест, да спасиме животи, додаде таа.
Претпоставките на Бингам, според весникот, се засноваат врз голем број медицински истражувања, кои покажуваат дека кај пациенти кои страдале од коронавирус нивото на антитела драстично се намалува по неколку недели, ослабнувајќи го развиениот имунитет.