По нападите врз француската Амбасада во Триполи од минатата недела дипломати предупредуваат дека се засилува исламистичкото насилство врз западни цели во Либија, и според нив тоа е последица на војната во Мали, објави Гардијан.
Се смета дека бомбашкиот напад врз француската Амбасада е одмазда од либиски борци за одлуката на Париз да ја прошири воената мисија врз џихадисти во Мали, коментира весникот.
Според Гардијан, џихадистички групи прогонети од Тимбуктусе преместиле на север кон Либија придонесувајќи за засилување на исламскиот екстремизам.
Триполи се обидува да се справи со екстремистите, но напорите не се ефикасни бидејќи многумина Либијци немаат доверба во владините сили за безбедност кои во голем дел биле на служба во времето на Гадафи.
Гардијан посочува дека засилениот исламизам во Северна Африка предизвикал формирање џихадистички организации кои создаваат нетрајни сојузи.