Компанијата Фејсбук соопшти дека отстранила десетици профили, од кои некои ги користеле официјални лица на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и двајцата негови синови, пратеници.
Фејсбук појасни дека одлуката е заснована на создавање лажни профили вклучени во „координирано неавтентично однесување“.
Отстранети се 35 сметки, 14 страници, една група и 38 објави на Инстаграм.
Како што пренесуваат светските агенции, сите тие биле обединети во мрежа што делумно работи во автоматски режим и била насочена кон корисниците во Бразил. Операторите на мрежата се обиделе да ги сокријат своите идентитети и да се претстават како новинари од различни медиуми. Тие дистрибуирале материјали поврзани со локални вести, внатрешна политика, избори, критики против политичките противници и медиумите. Објавувани се и материјали поврзани со пандемијата на коронавирус.
Дел од страниците се блокирани за поттикнување омраза и ширење лажни информации.
Шефот за кибер безбедност на Фејсбук, Натаниел Глајхер изјави дека компанијата нема докази дека мрежата била директно управувана од Болсонаро и неговите синови Флавиу и Едуардо. Се проценува дека страницата на Фејсбук имала повеќе од 880.000 следбеници, а страницата на Инстаграм повеќе од 900. Во април се тргнати десетици страници поврзани со Канада, САД, Украина и Еквадор, насочени кон аудиториумот во овие и во други земји.