Невработеноста во Шпанија во првиот квартал од оваа година се искачи на рекордни 27,2 отсто од вкупниот број на работоспособното население во земјата.
Според последните податоци на државната агенција за статистика, во Шпанија без работа сега има преку шест милиони лица. Ова е најголемата невработеност во Шпанија по 1976 година, периодот една година по смртта на диктаторот Франциско Франко и започнувањето на шпанската транзиција кон демократија.
Шпанската економија веќе пет години се наоѓа во криза, па синдикатите најавија нова серија протести против острите мерки за штедење и за кратење на буџетските трошоци.
Податоците на агенцијата за статистика откриваат дека во првиот квартал од оваа година е забележан забавен раст на невработеноста, што би можело да биде знак дека веќе е достигнат врвот на кризата.
Шпанија е четвртата по големина економија во зоната на еврото. ММФ минатиот месец објави дека вкупниот раст на шпанската економија годинава ќе биде помал од прогнозите што претходно беа давани, дека невработеноста до крајот на 2013 година ќе достигне 27 отсто.