Средба во Брисел на тимовите за имплементирање на договорот меѓу Белград и Приштина

Од:

Тимовите за имплементирање на договорот меѓу Белград и Приштина денеска во Брисел ќе се сретнат во кабинетот на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, со цел да ги претстават плановите за негово спроведување.

Белградскиот тим ќе биде предводен од советникот на српскиот претседател Марко Ѓуриќ, додека шеф на приштинската делегација е косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи.

Двата тима денеска попладне прво ќе остварат одделни средби со Ештон, а потоа ќе одржат заеднички состанок, јавува Танјуг.

Договорот кој минатата недела го потпишаа српскиот премиер Ивица Дачиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи предвидува широки овластувања за заедницата на српските општини на Косово, посебно кога станува збор за судството и полицијата.

Српската вицепремиерка за евроинтеграции Сузана Грубјешиќ изјави дека тимовите за имплементација на бриселскиот договор на денешниот состанок ќе разговараат за редоследот за реализација на договорените точки и роковите за нивна примена.

Разговорот за планот на имплементирање е од суштинско значење за натамошната примена на договорот, бидејќи од неговата содржина зависи дали договорот ќе води кон вистинска автономија за Србите.

Српската Влада во понеделникот се согласи со потпишаниот текст од предлог-договорот со Приштина, а за утре е закажана седница на Парламентот на која пратениците ќе го разгледаат владиниот извештај за досегашниот процес на политичкиот и техничкиот дијалог со Приштина, чиј составен дел е и предложениот договор.

Во посета на Белград денеска ќе допатува еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Би можело да ве интересира

Опозицијата повторно ја блокираше зградата на судот во Нови Сад

Вучиќ: Нема да успеат, Србија нема да застане

Вучевиќ: Опозицијата насилно се обидува да го блокира Собранието, нема да ја спречи Србија

Брнабиќ: Погазувајќи го достоинството на Собранието, се радуваат оние кои не сакаат просперитетна Србија

ВИДЕО: Тепачка во српскиот парламент, се пресметаа пратениците на власта и опозицијата

Македонски автобус заглави во снегот во Србија, се излизга и удри во банкина

Катерина Ѓуровски