Косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека утре делегацијата на Косово, во Брисел во кабинетот на високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон ќе го претстави планот за имплементација на договорот со Белград.
-Утре делегацијата предводена од заменик премиерот на Косово, Хајредин Кучи ќе биде во Брисел. Косово изготви план за остварување на договорот и тој утре ќе биде претставен пред Ештон-рече денес Тачи на седницата на владата.
Тој напомена дека гаранти за договорот се Европската Унија и САД, и побара од сите косовски институции, да се потрудат за негово остварување, оценувајќи дека станува збор за план за мир, разбирање, толеранција, заедничка индина и развој.
-Се работи за конкретен план со законски акти, временски рокови и актери за остварување. Очекуваме до 26 април да го усогласиме остварувањето, онака како што е предвидено во договорот-нагласи Тачи.
Според него имплементацијата на планот е најголем предизвик.
-Судбината на договорот зависи од остварувањето. Од исклучителна важност е сите институции да го поддржат овој процес- истакна косовскиот премиер.
Елена Георгиевска