Маратонот во Њујорк, кој требаше да се одржи на 1 ноември, беше откажан поради пандемијата од коронавирус, објавено е денеска.
Организаторите, здружението „New York Road Runners“ (NYRR), заедно со кабинетот на градоначалникот, соопштија дека решението за откажување на најголемиот маратон во светот е поради кризата со коронавирусот и загриженоста за здравјето и безбедноста на сите учесници, гледачи, волонтери и персонал.
„Откажувањето на годинашниот маратон беше неверојатно разочарувачка за сите вклучени, но неизбежна одлука од гледна точка на здравјето и безбедноста, рече извршниот директор на „NYRR““ Мајкл Капирацо во изјавата.
Трката, која се движеше низ сите пет окрузи во градот и имаше 53.640 учесници во 2019 година, е третата од шесте големи светски маратонски трки планирани за годинава која се откажува поради пандемијата. Бостонскиот маратон, кој беше закажан за април, а подоцна одложен за септември, на крајот беше откажан за првпат во својата 124-годишна историја.
Токискиот маратон се одржа на 1 март само во присуство на елитни маратонци, лондонскиот маратон беше одложен за 4 октомври од 26 април, а организаторите на трката во Берлин исто така го откажаа маратонот. Организаторите на маратонот во Чикаго досега не објавија никакви измени на закажаната трка во октомври.