Косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај изјави дека со потпишувањето на првиот договор за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, српските власти го признаваат фактот дека Косово е независен политички субјект.
– Ова е првиот историски договор меѓу Косово и Србија и ја определува етапата на патот кон нормализирање на односите меѓу две земји како независни и суверени држави, истакна Хоџај во интервју за денешното издание на францускиот весник „Кроа“.
– Откако Србија на овој начин фактички го признава суверенитетот на Косово, петте земји од ЕУ (Грција, Шпанија, Словачка, Романија и Кипар) немаат никакви политички или законски пречки за да го одлагаат признавањето на Косово.
– На истиот начин и другите земји во светот, кои досега се колебаа поради своите врски со Србија, исто така би требало да ја признаат косовската независност, смета шефот на косовската дипломатија.
Според него, овој документ е „најдобриот можен договор за Косово и за Србија“, како и за Србите во северниот дел на Косово, што ќе им овозможи доволно ниво на безбедност и автономија во областа на судството, полицијата, образованието и здравството.
Тој нагласи дека во последните пет години Приштина направила многу напори за интегрирање на косовските Срби во државните институции.
– Српската заедница има свој вицепремиер и тројца министри во Владата, како и 13 пратеници во Парламентот, потсети Хоџај.