Федералната служба на јавни адвокати вчера соопшти дека ќе го претставува Џохар Царнаев, осомничен за атентатот на Бостонскиот маратон, откако ќе му бидат покренати обвиненија, пренесоа британските медиуми.
Миријам Конрад, шеф на канцеларијата во Бостон, која претставува осомничени за криминал доколку самите не можат да си дозволат адвокат, на медиумите им соопшти дека тие биле информирани дека ќе бидат назначени за одбраната на Царнаев, штом се покренат обвиненијата.
Адвокатите по службена должност ќе треба да бидат назначени од федералниот судија.
Царнаев (19) останува во болница во Бостон под стража. Прострелан е во грлото и има повреди на јазикот заради кои не може да комуницира.
Според извори цитирани од француските медиуми, има претпоставки дека раната од задниот дел на неговиот врат е последица на обид за самоубиство.
Гувернерот на Масачусетс, Дивал Патрик, пред репортерите вчера изјави дека неговата состојба е тешка и дека тој уште не може да зборува.
Во Вашингтон неколкумина републикански конгресмени и сенатори ја повикаа владата на Обама да го суди Царнаев како „странски борец“ според законите на војната, без правата како што е назначувањето адвокат по службена должност.
Обвинетите извршители на такви злосторства не се обични криминалци, кои се обидуваат да се извлечат со незаконска заработка, туку терористи, кои се обидуваат да повредат, осакатат и убијат невини Американци, се наведува во изјавата на сенаторите Џон Маккејн од Аризона, Линдзи Грем од Јужна Каролина и Кели Ејот од Њу Хемпшир и конгресменот Питер Кинг од Њујорк.
Властите не му ги прочитаа правата на Царнаев според таканареченото „правило Миранда“ со кое вообичаено полицијата ги предупредува осомничените за криминал дека имаат право да молчат и да бидат распрашани во присуство на адвокат, за да се дозволи изнесувањето нивни погледи пред судот.
Претставник на Министерството за правда објасни дека владата се повикува на дозволениот исклучок од правилото, кога тоа го налага јавната безбедност.
Обвиненијата може да бидат покренати во најскоро време и покрај тешката состојба на момчето.
Предметот може да се разгледува како на федерално ниво, така и во државата Масачусетс, каде нема смртна казна. Најсериозното потенцијално обвинение може да биде за употреба на оружје за масовно уништување за убиства на луѓе, што се казнува со смртна казна.
Во експлозиите во Бостон загинаа три лица и над 180 беа ранети.
Државата би можела да покрене обвиненија и за смртта на полицаец, убиен од Џохар и неговиот брат.