Косовскиот премиер Хашим Тачи свика вонредна седница на Парламентот за поддршка на договорот меѓу Приштина и Белград, постигнат со посредство на Европската унија.
Тачи го повика 120-члениот Парламент да донесе правилна одлука и да го поддржи напорот за нормализирање на односите со Србија. Седницата е свикана за недела вечер.
Официјално договорот за нормализирање на односите со Белград, кој може да биде потпишан идната недела, треба да биде одобрен од Парламентот.
Премиерите на Србија и Косово Ивица Дачиќ и Хашим Тачи го парафираа вчера во Брисел договорот меѓу Белград и Приштина за нормализирање на односите по неколкумесечните интензивни преговори.
Белград и Приштина имаат рок до понеделник да го потврдат договорот. Во понеделник ова прашање ќе биде на агендата на средбата на министрите за надворешни работи од ЕУ во Луксембург.