Американското Федерално истражно биро (ФБИ) на вчерашната прес конференција за новинарите објави фотографии и видео запис на две лица за кои постои сомнение дека се вмешани во бомбашкиот напад на Бостонскиот маратон.
На видео записот се гледаат двајца млади како одат на тротоар во блзина на улицата каде трчаат учесниците на маратонот. Двајцата имаат качулки на глава и ранци на грбот и не изгледаат сомнително вклопувајќи се меѓу останатите гледачи.
Еден од двајцата осомничени, со бела качулка на глава, се гледа како го остава ранецот на местото на експлозијата и заминува. ФБИ не го објави идентитетот на осомничените, освен дека постои сомневање дека тие се вооружени и повикаа сите што имаат некаква информација да се јават во полиција.
Во терористичкиот напад во Бостон, што се случи во понеделникот три лица загинаа, а над 180 се повредени. Десетина луѓе се уште се во критична состојба.