Светскиот ден на слободата на медиумите се слави секоја година на 3 мај. Целта на одбележувањето е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсетиме на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.
Оваа година, како резултат на пандемијата на коронавирусот, во фокусот се правата на медиумските работници и немањето институционална поддршка.
Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година, врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации истата година и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година.
Како ден за одбележување е Годишнината од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство од 1991 година, донесена од африканските новинари во градот Виндхоек, Намибија.
Оваа година, Светскиот ден на слободата се одбележува со глобалната кампања на Обединетите нации за медиуми и социјални медиуми со фокус на „новинарството без страв и пристрасност“ во се повеќе комплексно медиумско опкружување обележано со дезинформации, лажни вести и разни форми на влијание врз работата на медиумите.
Кампањата ќе посвети особено внимание на темите како што се безбедноста на новинарите и медиумските работници, независно и професионално новинарство без политичко и комерцијално влијание и родова еднаквост во сите аспекти на медиумите.
На 3 мај се доделува и годишната награда на УНЕСКО Гиљермо Кано за слобода на медиумите. Наградата, која се доделува од 1997 година, му оддава почит на некое лице, организација или институција за придонес во одбраната и / или промовирање на слободата на медиумите, особено кога се прави во случај на голема опасност.
Изјави по повод Денот на слободата медиумите:
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на поголема заштита на новинарите, нагласувајќи дека тие нудат „противотров“ на пандемијата дезинформации што ја придружува кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот.
Гутереш, во видео-порака по повод Светскиот ден на слободата – 3 мај, ја истакна клучната улога што ја имаат медиумите за да може луѓето да добијат информации што им се потребни за да донесат одлуки, бидејќи таквите одлуки, наведе тој, ја прават разликата помеѓу животот и смртта во сегашните околности.
„Како што се шири пандемијата, така се прави и пандемијата на дезинформации, штетни здравствени совети и диви теории на заговор“.
„Медиумите обезбедуваат противотров – проверени, научни, вести и анализи засновани врз факти“, рече Гутереш.
Тој ги повика владите ширум светот да ги заштитат новинарите и сите оние кои работат во медиумите и да ја заштитат слободата на медиумите.
Европската унија предупреди за пад на слободата на медиумите ширум светот, во момент на пандемија на новиот коронавирус.
„Загрижувачки е што пандемијата Ковид-19 во некои земји се користи како изговор за наметнување неоправдани ограничувања на слободата на медиумите“, рече Жосеп Борел, висок претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност, во изјава во име на блокот од 27 нации.
– Слободното и квалитетно новинарство е предност на демократијата. Пандемијата со Ковид -19 нè потсетува на суштинската улога што ја играат новинарите и медиумските професионалци во обезбедувањето доверливи информации, борбата против дезинформациите што можат да предизвикаат паника и барајќи носителите на одлуки да бидат одговорни пред граѓаните, истакнува комесарот на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ.
– Без разлика дали се одлични истражувачки новинари кои покриваат глобални кризи или несигурни хонорарни соработници за некој локален весник, нивната работа се однесува на сите нас. Тие изложуваат неправди, кршење на законот, корупција и злоупотреба на службената должност. Тие ги ставаат во центарот на вниманието владините активности. Тие копаат под површината за да ја откријат вистината. И, тие го привлекуваат нашето внимание на надежни настани што можат да поттикнат промена во другите делови на светот, вели Мијатовиќ.
Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ ги повика владите да не ја ограничуваат слободата на медиумите за време на пандемијата на Ковид-19 и предупреди за трендот на заплашување и напад врз новинарите.
– Владите се соочуваат со невидени предизвици за време на кризата со коронавирусот, но ситуацијата не треба да се користи за да се замолчат новинарите, предупреди Пејчиновиќ Буриќ
Пејчиновиќ Буриќ смета дека со „одговорно известување, новинарите можат да спречат ширење на паника и да ги истакнат позитивните примери во општеството“.
Минатата година се регистрирани 142 сериозни закани врз слободата на медиумите во 47 членки на Советот на Европа, се наведува во извештајот на партнерската Платформа на Советот на Европа за подобрување на заштитата на новинарството и безбедноста на медиумските работници.