Државите не можат едноставно да ги изолираат своите жители за да го поразат новиот коронавирус, изјави денеска експертот за вонредни состојби при Светската здравствена организација (СЗО) Мајк Рајан. Тој потенцира дека се неопходни мерки за заштита на јавното здравје за подоцна да се избегне повторно појавување на епидемијата.
– Она на што навистина треба да се фокусираме е да ги пронајдеме болните, оние кои имаат вирус, да ги изолираме, како и да се пронајдат луѓето кои биле во контакт со нив и да ги изолираме, изјави Рајан во интервјуто за емисијата Ендрју Мар Шоу на Би-Би-Си.
„Кога ќе се укинат ограничувањата за движење и изолација, постои реална опасност од повторување на болеста, рече Рајан.
Голем дел од Европа и САД го следеа примерот на Кина и други азиски земји и воведоа драстични рестрикции во борбата против коронавирусот, голем дел од вработените мора да работат од своите домови, а затворени се училишта, барови, ресторани и фитнес центри.
Рајан рече дека Кина, Сингапур и Јужна Кореја, кои комбинираат рестрикции со ригорозни мерки за тестирање на секое лице за кое постои сомневање дека е заразено, дадоа пример за Европа, која сега стана епицентарот на инфекцијата.
– Откако ќе го сузбиеме ширењето на инфекцијата, ѓе мора да се бориме против вирусот, рече Рајан.
Тој, исто така, потенцираше дека се во развој неколку вакцини, но само една почнала со тестирање во САД. На прашањето колку време ќе трае пред вакцината да биде достапна во Велика Британија, тој рече дека луѓето треба да бидат реални.
– Треба да бидеме целосно убедени дека вакцините се безбедни, а за тоа ќе биде потребна најмалку една година, потенцира експертот од СЗО.