Шпанското кралско семејство се согласи да биде вклучено во новиот закон за транспарентност, со кој на јавноста и се дава пристап до информациите за нивниот буџет и активности, изјави денеска неименуван извор од кралската палата.
Претставници на кралското семејство два месеца преговараа со владата за начините на зголемување на надзорот врз нивните активности, изјави неименуваниот извор за британските медиуми.
Некогаш многу популарното кралско семејство се вплетка во корупциски скандал, што многу го наруши нивниот имиџ во јавноста.
Најмладата ќерка на шпанскиот крал Хуан Карлос, Кристина, е осомничена во најновиот корупциски скандал во земјата. Судот во Палма де Мајорка упати повик до принцезата Кристина на 27 април да се појави во судот за да биде сослушана во врска со обвинувањата дека нејзиниот сопруг проневерил милиони евра државни пари.