Претседателот на српското опозициско Движење за пресврт, Јанко Веселиновиќ, во писмена изјава денес го обвини Министерството за внатрешни работи за масовно издавање српски државјанства на граѓани кои живеат во Република Српска (РС) последниве месеци, особено во изминативе денови, за да можат да гласаат во конзулатите на Р.Србија во БиХ.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Веселиновиќ во писмена изјава оцени дека проектот бил добро координиран со раководството на РС, бидејќи барањата масовно ги поднесуваат членовите на владејачката партија на Милорад Додик преку конзулатите во Бања Лука, Требиње и Дрвар.
Според Веселиновиќ, шест службеници на МВР на Србија во Белград ги „штанцаат“ решенијата, а „во моментов работат по 12 часа, дури и за време на викендите“, бидејќи се доделуваат 20.000 државјанства. Тој додаде дека веднаш потоа, други служби на МВР подготвуваат и изработуваат лични карти, а барателите се запишуваат во изборниот список.
Веселиновиќ изјави дека дел од овие нови гласачи ќе гласаат на претстојните избори во конзулатите во Босна и Херцеговина, а некои и во граничните општини на Србија.