Аутизмот се третира и родителите треба да го најдат патот

Од:

Аутизмот се третира и родителите кои имаат деца со ваков вид нарушување не треба да се откажат  од изнаоѓање начин за нивно враќање во нормалните текови на живот. Најбрз начин за помош на децата со аутизам е отворање центри за рана детекција.

Ова го порачаа родителите на децата со аутизам во Македонија и здруженија кои ги поддржуваат, по повод Меѓународниот ден на аутизмот, кој се одбележува денеска под мотото „Еден свет за сите“.

Посочуваат дека најважно е отворање на центарот за аутизам во кој ќе се врши рана детекција, ќе се работи со децата повеќе часови неделно, како што е во САД каде со овие деца се работи 30 до 40 часа.

Покрај немањето центар, како проблеми со кои се соочуваат се вклучувањето во образовниот процес, градинките, немањето индивидуализиран пристап во едукацискиот центар и слично.

Проблемите денеска делегација од родители и Македонското научно здружение на аутизам му ги пренесоа на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

– Ова е историски ден за аутизмологијата. Претседателот се надеваме ќе даде импакт врз останатите надлежни институции кои од постоењето на Македонија многу малку имаат сторено за овој пробелм кој е јавно здравствен, ментално здравствен и пошироко општествен проблем, рече претседателот на здружението Владимир Трајковски.

Според него непостоењето центар за рана детекција навистина претставува горлив проблем. – Зад Хрватска во овој дел сме 30 години, а зад Србија 20 години и сметаме дека крајно време е да се отвори, рече Трајковски.

Потенцира дека ова е најмаргинализираната група од сите лица со попреченост.

Од Министерството за труд и социјална политика најавуваат дека во соработка со Министерството за здравство почна реализацијата на идејата за воспоставување национален регистар на лица со аутистичен спектар на нарушување и се надеваат дека националниот регистар ќе биде појдовна основа за креирање национална стратегија за справување со атуистичниот спектар на нарушување. Очекуваат и да се зголеми свеста на јавноста и на професионалците за овој проблем, да се унапреди едукацијата на стручните кадри за работа со деца и лица со аутизам и да се формираат што поголем број специјализирани центри за лица со аутизам.

За Дневниот центар за деца со аутизам, според најавите од Министерството, треба да почне со работа до крајот на овој месец. Во Центарот, кој како организациска единица ќе функционира во рамките на  Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје, а просторно ќе биде сместен во Заводот за рехабилитација на деца и младинци-Скопје, ќе бидат опфатени вкупно 20 деца со аутистичен спектар на нарушувања, кои ќе бидат распоредени во  три возрасни групи од 5-10 години, 10-15 години и 15-18 години, со кои што ќе работи посебно обучен тим од четири специјални едукатори-дефектолози, еден логопед, еден психолог, еден социјален работник, еден физиотерапевт, медицинска сестра и двајца негователи, што само по себе докажува каков вид и степен на заштита и рехабилитација ќе им се даде на овие деца во овој Дневен центар.

Поголем број од децата со аутизам се веќе интегирани и во постојните 23 дневни центри за деца со пречки во развојот, кои што обезбедуваат услуги на дневно згрижување и престој, нега, исхрана, психосоцијална рехабилитација и реедукација, советодавна работа и услуги на организирано поминување на  времето на децата со умерени и тешки пречки во менталниот развој, кои што се на возраст од 5-18 години и истите се наоѓаат во ризик од маргинализација или институционализација.

Во Македонија се проценува дека има 2.040 лица со канеров аутизам, а во поширокиот спектар се 12.400 лица.

Аутизмот е биолошко развојно нарушување на мозокот. Главни карактеристики се слаба или никаква социјална интеракција и комуникација, ограничени активности и повторувачки шеми во однесувањето. По тие карактеристики аутизмот се разликува од останатите нарушувања од групата нарушувања од групата нарушувања од аутиситичниот спектар.

Причините за ова нарушување не се во целост познати, но голем број експерти тврдат дека до него водат различни причини.

Централната манифестација за одбележување на Меѓународнито ден ќе се одржи во Скопје Сити мол во организација на здружението „Во мојот свет“ под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова.

Децата, заедно со поддржувачите на кампањата, ќе составуваат сложувалка со боите на аутизмот, а ќе биде приредена и музичка програма.

Целта е да се придонесе за подобрување на условите за живот на оваа ранлива група граѓани.

Би можело да ве интересира

Доктори од Македонија завршиле медицина во Бугарија, но не смеат да работат во земјата оти се пишале Бугари

A1on

Развиена вештачка интелигенција која го открива ракот на дојката години пред да се развие

Ана Ололовска

Американски хирурзи успешно трансплантираа бубрег од свињa на човек

Ана Ололовска

Суперхероите од вистинскиот живот

Ана Ололовска

Белгиски научници направија крупен исчекор во борбата против ракот

Жарко Настоски

Почина педијатарот Кавасаки, кој откри ретка детска болест

А1он