Главниот советник на либискиот премиер Али Зеидан, Мохамед ал Гатаус од синоќа се води како исчезнат, откако бил киднапиран од група вооружени лица, соопшти денеска претставник на владата во Триполи.
Гатаус е киднапиран во близината на либискиот главен град, додека патувал кон својот дом во градот Мисрата. Неговиот автомобил е најден утринава напуштен и без траги од насилство.
Киднапирањето на советникот доаѓа по признанието што премиерот Зеидан го даде во неделата дека членови од неговиот кабинет добиваат смртмни закани. Тој потврди дека владата работи во многу тешки услови, откако пред четири месеци владата стапи на должност.
Експерти во Триполи веруваат дека киднапирањето на советникот Гатаус е извршено на некој лажен контролен пункт на патот до Мисрата, откако бил запрен за проверка од луѓе кои најверојатно се претставиле како припадници на безбеносните сили.
Притисокот врз Владата и заканите врз нејзините министри нагло се засилија откако беше соопшетно дека Кабинетот на Зеидан ќе изврши распуштање на разните вооружени милиции и одземање на нивното оружје.
Безмалку две години по насилното соборување на Моамер Гадафи, новата власт во Триполи се уште не може да ги распушти милициите и да воспостави контрола врз целата територија на Либија.