Руски борбени авиони нападнаа неколку градови што ги држат бунтовниците во провинцијата Идлиб во северозападна Сирија за првпат откако стапи во сила прекин на огнот со Турција пред два дена, изјавија за западни медиуми очевидци и бунтовници.
Цел на нападите биле Ал-Кал ал-Масл, Масаран и неколку други градови на југот на провинцијата Идлиб, последното упориште на бунтовниците, кое претходно беше бомбардирано повеќе од еден месец.
Во последните неколку недели стотици илјади луѓе избегаа од провинцијата Идлиб поради напади на руски авиони и артилерија од сириските владини сили.
Висок официјален претставник на ОН посочи на хуманитарната состојба во Идлиб на почетокот од овој месец, од каде избегаа најмалку 300.000 цивили и потсети дека повеќе од половина милион луѓе побарале засолниште во прифатни центри во близина на границата со Турција.
Москва нагласува дека руските сили, заедно со сириската војска и про-иранските милиции, сакаат да спречат терористички напади на милитантите на Ал-Каеда, за кои тврди дека се насочени кон населени места контролирани од сириската влада.