Турската владејачка Партија на правдата и развојот, предводена од шефот на државата Реџеп Тајип Ердоган, планира в понеделник, на 30 декември, да им предложи на пратениците во Собранието да одобрат мандат за испраќање турски војници во Либија, изјави извор од партијата.
Тој не ја исклучува можноста гласањето да биде на 2 јануари 2020 година. Претходно се очекуваше мандатот да биде одобрен од пратениците на 7 или 8 јануари, откако тие ќе се вратат од парламентарната пауза за одмор.
Ердоган многупати изрази подготвеност да испрати воени единици во Либија, доколку владата на национално единство во Триполи побара помош од неговата земја. На 28 ноември Анкара и Триполи склучија меморандум за соработка, вклучувајќи и воена. Ердоган го одобри тој договор на 26 декември и истиот ден најави дека во јануари ќе побара од Парламентот дозвола за испраќање војска во Либија.
Моментно во Либија има две паралелни извршни власти: меѓународно признатата влада предводена од премиерот Фајез Сараџ, и времениот кабинет на Абдула Абдурахман ат-Тани, кој дејствува во источниот дел на земјата, поддржан од генералот на Либиската национална армија Калифа Хафтар.