Популарниот интернет сервис ЈуТјуб за размена на видео-содржини го посетуваат повеќе од една милијарда луѓе месечно, а за големиот раст на неговата популарност и користење придонела употребата на смартфоните.
Дирекцијата на ЈуТјуб истакнува дека секој втор корисник на интернет ја посетува нивната страница, уште од основањето во 2005 година.
– Ако ЈуТјуб е една држава, тогаш ќе бидеме трета по големина во светот, по Кина и Индија, наведува сервисот, кој работи во рамки на компанијата Гугл.
Фирмата ЈуТјуб во 2006 година ја купи Гугл за 1,65 милијарди долари, но се уште не е откриено дали оваа интернет платформа работи со профит.
Покрај огромниот број видео-датотеки кои ги поставуваат аматери, ЈуТјуб започна да додава и професионални прилози со цел да ја привлече јавноста, а кон крајот на јануари оваа година најави и понуда за пристап до одредени содржини преку претплата.