Учениците од основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка освоија прва награда на 25-от Интернационален фестивал на уметноста „Утринска ѕвезда“ што се одржа викендов во Банско, Република Бугарија.
На фестивалот учествуваа претставници од повеќе балкански држави, а кривопаланчани учествуваа по осми пат под раководство на менторите Александар Тренчовски,одговорен за хорот, Лариса Жулина –Митовски, оркестар и кореографија подготвена од Марија Смиљков.
– Настапивме со компилација на три музички перформанси, хорско пеење, музицирање на инструменталниот состав, оркестарот од училиштето кои ја изведуваа „Ода на радоста“ од Лудвиг Ван Бетовен и кореографија на „Билјана платно белеше“ во изведба на мала играорна група. Се претставија различни генерации ученици во категорија инструментална музика, каде го освоивме првото место. Ова е наша прва зедничка соработка како ментори и се покажа како успешна, на учениците им беше задоволство да се дружат и да се претстават во ваков формат, а задоволството од успехот го делиме и ние, бидејќи нашито труд е препознаен во меѓународни рамки, изјави професорката по музичко образование Лариса Жулина –Митовски.
На фестивалот се претставија вкупно четириесет ученици од трето до деветто одделение од ООУ „Јоаким Крчовски“.