Британскиот премиер Дејвид Камерон се противи на озаконување на новата регулатива за работата и однесувањето на весниците во Велика Британија, соопштено е во Лондон, откако конзервативците се повлекоа од меѓупартиските преговори за заеднички договор околу тоа како да се спроведат препораките на судијата Левисон.
На крајот од деветмесечната јавна истрага за моралноста и однесувањето на весниците, а посебно на лондонските таблоиди, судијата Левисон понуди заколучоци во кои сугерираше заострување на правилата за работењето на британските весници, осудувајќи го односот на таблоидите кон луѓето, во скандалот со прислушувањето на мобилната телефонија.
Камерон и конзервативците веднаш се спротивставија на тоа да се озаконува работата на весниците, иако прифаќаат заострување на правилата за однесување и создавање на независен контролор за работата на печатот.
Лабуристите на Ед Милибанд кои со нивните весници ја покренаа целата операција, користејќи ја аферата со прислушувањето за да се пресметаат со Руперт Мардок, неговата медиумска империја и со, според нив, неговата преголема моќ, инсистираат на озаконување на новите прописа и правила. По повлекувањето на конзервативците од тримесечните преговори, либералдемократите, иако партнер во Владата на Камерон, застанаа на страната на лабуристичката партија.
Британскиот министер за култура Марија Милер, во чија надлежност е „дисциплинирањето“ на весниците, остро го осуди однесувањето на лабуристите и либералдемократите, нарекувајќи ги нивните предлози обид за „државно лиценцирање“ за весниците.
Таа ги повика сите пратеници, да гласаат во Долниот дом за предлогот на премиерот Камерон во кој има доволно остри мерки за весниците ако се огрешат од правилата, инсистирајќи дека тие остри правила не треба да се озаконуваат. Според Камерон, озкаонувањето може сериозно да ја загрози слободата на печатот.
Гласањето на пратениците околу спроведувањето на предлозите на Левисон е закажано за понеделник.