Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој им се забранува на странските банки да отвораат филијали во Русија, објавено е на сајтот на Кремљ.
Со законот се предвидува странските финансиски организации во Русија да можат да работат само преку своите ќерки-фирми и претставништва.
Владата овјаснува дека предложила воведување на ваква забрана поради неможноста руските регулаторни органи целосно да спроведат надзор врз филијалите на странските банки, бидејќи начинот на нивното функционирање не е под јурисдикција на Русија.
Забраната за отворање филијали на странски банки е всушност веќе во сила, бидејќи ниту една не е регистрирана, така што потпишувањето на законот е само потврда на постоечката состојба.
Истовремено, ќерките-фирми на странски банки активно работат на рускиот пазар. Така меѓу 10-те најголеми руски кредитни организации спаѓаат „Јуникредит банка“, која припаѓа на италијанската група „Уникредит“, а активна е и „Рајфајзенбанка“, како ќерка-фирма на истоимената австриска банка.