Прволигашката екипа на кошаркарски клуб „Крива Паланка” денес оствари победа во мечот од првата македонска женска кошаркарска лига што се одигра на гостински терен во спортската сала „Јасмин”, Кавадарци против екипата на ЖКК „Пробаскет академија”.
Кривопаланчанки беа подобри од првотимките на кавадаречкиот табор, кој дебитираше во лигата оваа сезона, со резултат од 51 наспрема 65.
-Викендов одигравме два дуели од првата лига. Првиот беше одигран во петок,1 ноември, натпревар од второто коло, на кој бевме домаќини, а ги пречекавме кошаркарките на ЖКК “Клупски патриот” од Делчево и остваривме прва победа во лигата оваа натпреварувачка сезона, 2019/20, со резултат 83 : 44. Тоа беше натпревар во кој се воигравме како тим и сите играчи добија можност да поентираат. Денес го одигравме мечот од редовното трето коло, во кој имавме тежок противник со искусни играчи, со добра и цврста одбрана. Задоволен сум од борбеноста на моите играчи, кои покажаа стабилност во нападите, компактност и концентрација во одбраната и се бореа за секоја топка. Тоа резултираше со одличен резултат, изјави тренерот на КК Крива Паланка, Мирослав Ивановски.
Дуелот очекувано беше неизвесен, но гостинскиот состав со добра тактика не дозволи домаќините во ниту еден момент да го превземат првично оствареното водство.
-Морам да се заблагодарам на поддршката од спонзорите кои и оваа сезона го поддржуваат клубот и овозможуваат услови за настап во лигата. Ни претстои долга сезона во која клубот ќе настапи освен во првата лига жени, во три младински лиги во женска конкуренција и две во машка, при лига натпреварите на Кошаркарската федерација на Република Северна Македонија, а она што може да се каже со сигурност е дека ќе работиме посветено и напорно за остварување на зацртаните планови и цели, рече Ведран Белешковски, претседател на КК Крива Паланка.
Во следното коло од првата македонска кошаркарска лига жени КК Крива Паланка ќе го пречека тимот на КК Баскет кам од Македонска Каменица.