Шеснаесет лица починаа, а повеќе од 300 се хоспитализирани во Либија поради труење со фалсификуван алкохолен пијалок направен на база на метанол, соопшти денеска либиското Министерство за здравство.
– Билансот на смртни случаи достигна 16, а отруени се 310 лица, соопшти Министерството, предупредувајќи дека бројот на жртвите би можел да биде поголем.
Шефот на санитарната служба во медицинскиот центар во Триполи, Јусеф ал-Вафи наведе дека прелиминарната анализа покажала дека симптомите на труење се појавиле по конзумирањето на фалсификуван алкохолен пијалок кој содржел метил-алкохол.
Метил-алкохолот или метанолот е производ кој може да предизвика откажување на бубрезите, слепило или епилептичен напад, па дури и смрт.
Лицата кои конзумирале отровен алкохол се на возраст од 19 до 50 години.
Во Либија е забранета продажбата и конзумирање на алкохолни пијалци, иако може да се купи на црниот пазар.